Градот Тетово и понатаму полн со дупки, оштетени шахти, дупки „замаскирани“ со бекатонски плочи и длабоки до 20 сантиметри. Ова се главните и споредните улици во Тетово. Од општината велат дека за оваа година се предвидени околу 7 милиони денари за санирање на дупките.
„Општина Тетово за оваа година предвиде 7 милиони денари за санирање на улиците. После 15 март ќе се создадат и временски услови за да почне нивното санирање и компанијата која ќе биде избрана за ова прашање ќе почне со санирање на дупките“, посочија од Општина Тетово.
Дупките во Тетово не се санирани уште од 2019 година. Иако општината во 2020 година одвои 7.2 милиони денари за оваа цели, а тендерот го доби компанијата „Еуро Инвест“ сепак проектот не е реализиран поради состојбата со коронавирус, велат од општината.
„Состојбата со Ковид 19 ја отежнува работата со многу тендери, а еден од нив беше и оној за санирање на дупките. Средствата кои беа предвидени за оваа цел не можат да се искористат бидејќи општината се соочи со пандемијата која ја зафати целата земја“, додаваат од општината.
Во незавидна состојба се и шахтите. Голем број од нив се оштетени, украдени или пак пропаднале долу. Поради тоа, општинските власти во 2020 година издвои уште еден тендер тежок 1 милион и 200 илјади денари, но состојбата на улиците во градот е речиси непроменета.
