Коридорот 8, приоритет за регионално поврзување – Мицкоски: Инфраструктурата и Коридорот 8 се стратешки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски од Њујорк ја истакна стратешката важност на Коридорот 8 и 10, како и развојот на патната, железничката и енергетската инфраструктура. Тој го спомена развојот на автопатиштата, железниците и енергетската инфраструктура, вклучително и поврзувањето со енергетскиот терминал во Александруполис во Грција и Централна Европа.

„Нашата најголема предност е фактот што сме природна раскрсница на два паневропски коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8. Практично, точка на поврзување на овие два коридори. Се наоѓа на североисток, неколку километри североисточно од нашиот главен град, Скопје. Практично, целта на Коридорот 10 е да го поврзе Медитеранот од Азовското Море со Централна Европа, а целта на Коридорот 8 е да ги поврзе Јадранското и Јонското Море со Црното Море. И двата коридори се многу важни за источното крило на НАТО“, рече Христијан Мицкоски.

А токму за инфраструктурата денеска се зборуваше и во Собранието. Европратеникот од Бугарската социјалистичка партија и член на Делегацијата на ЕП во Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ–Македонија, Кристијан Вигенин, изјави дека напредокот на Коридорот 8 е практичен тест на европската интеграција. Тој побара забрзување на работите и тендерите за железницата, нагласувајќи дека коридорот треба да ја поврзе Македонија со Бугарија, Албанија и регионот. Вигенин оцени дека проектите се спроведуваат многу бавно.

„Коридорот 8 треба да нè поврзува, а не да нè разделува, тој ќе ја поттикне регионалната размена и ќе ја поврзе Северна Македонија со Црното Море и Јадранското Море. Имплементацијата, морам да кажам, е многу бавна. Северна Македонија сè уште нема акциски план. Административниот капацитет за градежни и транспортни проекти е ограничен, има недостаток во патната безбедност и урбаната мобилност, постои значителна поддршка од Европската Унија која може да се искористи“, порача Христијан Вигенин.

Од друга страна, пратеникот од СДСМ, Благој Бочварски, изјави дека Коридорот 10 е завршен од страна на нашата земја, додавајќи дека прашањето сега е изградбата на Коридорот 8.

„Денеска, нашата заложба и нашето отворено прашање е изградбата на Коридорот 8, оската Исток–Запад, каде што како држава инвестираме сериозни финансиски средства преку исклучително силен градежен зафат, работиме на пробивање на теренот и најтешките планински предели. Морам да нагласам, знаејќи ја сложеноста на проектите, дека ова се проекти кои може да ги започне една влада, но не може да ги заврши истата влада, тоа се проекти кои траат повеќе од 4 или 6 години“, вели Благој Бочварски.

Коридорот 8 останува еден од најважните инфраструктурни проекти, но реализацијата сè уште не е завршена. Работите продолжуваат на неколку патни и железнички делници, додека други делови сè уште се во фаза на тендерирање и подготовка. Целта е Северна Македонија преку целосен коридор да се поврзе со Бугарија и Албанија, создавајќи побрза трговска и инфраструктурна врска меѓу Црното Море и Јадранското Море.