Освен што се зголеми цената за паркинг во Тетово, граѓаните не добија еден час бесплатен паркинг како што вети градоначалникот Касами во интервју за ТВ21. Тој рече дека цената е покачена, но вети дека паркингот ќе се плаќа до 21 часот, а не до 22 како што беше досега.
„Делумно ќе има поскапување, но воедно ги информирам граѓаните дека со одлука на Општинскиот совет ќе се намали паркингот по часови, до 10 е. Ќе се намали за 1 час и граѓаните навечер ќе имаат 1 час повеќе да паркираат бесплатно“, истакна Биљал Касами.
Но, сега кога се поставија новите табли, може да се забележи дека наплата за паркинг ќе се врши до 23 часот по летното сметање на времето. Касами се правда дека станува збор за грешка.
„Морам да видам, бидејќи јас знам дека треба да биде до 21 часот. Ако е до 23, тогаш мора да е техничка грешка. Морам да потврдам и да видам за што станува збор“, вели Биљал Касами.
Советниците на ДУИ во општината, и оваа можност ја искористија за да упатат критики. Велат дека Касами не може да го исполни ниту ова ветување.
„Го слушнав и вашето новинарско прашање. Поради времетраењето на паркингот не е исполнето и второто ветување дека времето ќе биде скратено, односно дека од 10 ќе биде до 9. Сега гледаме на неколку табли дека е до 11 навечер, односно до 23 часот“, вели Блерим Османи.
Инаку, Касами во предизборната кампања вети дека ќе има бесплатен паркинг додека не изнајде решение за проблемот со паркирање. На ова ветување стоеше само две недели, по што ја покачи цената за зонското паркирање за 10 денари. Па така, сега паркирањето во Зона Б од 20 „скокна“ на 30 денари, а во Зоната А од 30 се искачи на 40 денари.
