Тежок случај на насилство меѓу малолетници во Аеродром – МВР најавува кривични пријави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицијата соопшти дека ќе поднесе кривични пријави по новиот случај на насилство меѓу малолетници во скопската населба Аеродром, каде што 12-годишно девојче било малтретирано, понижувано и снимано од група малолетници.

Според МВР, две малолетнички осомничени дека биле вклучени во случајот, заедно со нивните родители, биле повикани во полициска станица на службен разговор. Против нив се очекува да бидат поднесени кривични пријави, додека полицијата работи на идентификација на сите други лица кои учествувале во инцидентот.

Снимките од настанот беа споделени на социјалните мрежи и предизвикаа силни реакции во јавноста. На видеото се гледа како девојчето е принудено да клекне, е навредувано и удирано со шлаканици, додека друго девојче ја држи за коса, а останатите го снимаат настанот со мобилни телефони.

За случајот се известени Основното јавно обвинителство за малолетници и Центарот за социјални работи, а од МВР велат дека се преземаат активности за целосно расчистување на случајот. Според соопштението, ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „Насилство“ и „Запуштање и малтретирање на малолетно лице“.