Тимот на Николовски проверува како работи директорот на ГТЦ – за 4 месеци потроши над 300 илјади евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Акционерското друштво Градски Трговски Центар преку јавни набавки распиша тендер за осветлување на ГТЦ во висина од 500 илјади евра и за молерисување во висина од 100 илјади евра. ГТЦ само за реконструкција на таванот преку јавни набавки потрошил над 76 илјади евра или 4 милиони и 720 илјади денари. За само 4 месеци потрошени се за сервисирање и реконструкција над 300 ијлади евра. Најмногу за реконструкција над 95 илјади евра.

„Замена на постоечко флуоресцентно осветлување со лед осветлување над 74 илјади евра, Занатско-инсталатерски работи над 95 илјади евра, Сервисирање и одржување на опрема и инсталации на климатизација над 18 илјади евра, Чистење на внатрешна опрема, уреди, склопови и елементи во сите клима комори над 28 илјади евра.“, соопштија од Јавни набавки.

Сопствениците на дуќаните во ГТЦ бараат од министерот за борба против корупција да ја преиспита работата на Акционерското друштво Градски трговски центар. Дуќанџиите се жалат на работата на директорот Ѓоко Трајчевски, плаќат паушални фактури за струјата, која им ја продава ГТЦ, иако нема лиценца за такво нешто.
Пред две недели министерот Николовски гостуваше во емисијата Клик плус каде изјави дека прв пат слуша за сотојбите во ГТЦ и вети дека ќе го истажи случајот.

„Ова со Градскиот трговски центар ќе ги задолжам мојот тим да ги преиспита сите работи за да имаме јасна слика и анализа за што станува збор бидејќи за жал ги немам вечерва информациите и прв пат ги слушам од вас“, рече тогаш Николовски.

Две недели подоцна повторно го прашавме вицепремирот. Тој овој пат рече дека неговиот тим дознал одредени информации, но се уште работат на собирање на детали.

„Во рамки на нашиот кабинет преземавме активности информирани сме и штом ја утврдиме состојбата, доколку прашањата се однесуваат на работи што ние можеме да ги превземеме како кабинет и како Влада, како и за секој случај предходно, неселективно, затоа што законот важи за сите ќе бидат превземени сите механизми и инструменти“, рече Николовски.

За ТВ21 сведочеа неколкумина дуќанџии при што потврдуваат дека сметките се паушални. Има и дуќани кои одамна не работат, но сметки за потрошена електирна енергија и греење сепак им пристигнуваат. Половина од дуќанџиите се дадени на извршители.

„Имаме проблем со дирекцијата. Сметките ни пристигуваат како да е отворен дуќанот. Ни земаат пари и за клима, вода и осигурување. Сметките се над 20 илјади денари. Неколку години не ги плаќав сметките и од ГТЦ ме дадоа на извршители. Четири години ми беше блокирана сметката ми ставија и камата. Ми земаа 650 илјади денари. Над 10 илјади евра“.

Од друга страна директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски вели дека нема ништо без пари. Тој тврди дека мора да има давачки за да функционира трговскиот центар.

„Нема ништо без пари. Има една поговорка која вели Затворен дуќан е најскап дуќан. Значи нема ништо без пари. За да се одржува објектот мора да го финансира некој“, рече Трајчевски.

ТВ21 пред неколку месеци извести дека дуќанџиите во Градскиот трговски центар во Скопје иако имаат броила за електрична енергија, сепак плаќаат паушално. Трговскиот центар, кој е акционерско друштво, нема лиценца за вршење енергетска дејност. Од Регулаторната комисија го потврдуваат тоа, додавајќи дека начинот на уредување ги носат самите центри.