Повеќе недели беше една од најдискутираните теми во главниот град, но денес му дојде крајот на објектот кај Мавровка.
Утрото, багерите почнаа со уривање на кафулето спроти споменикот на „Хасан Приштина“.
Од премногу железо и бетон, уривањето воопшто не одеше лесно за работниците од претпријатието “Македонски патишта“.
Потребни им беа 6 часа за да урнат само еден дел од објектот.
Работниците се консултираа меѓусебно како да си ја олеснат работата.
Сопственикот на објектот, Мевљудин Алити, вели дека неговиот идентитет бил познат за органите кои го барале, а додава дека објектот е легален и дека ја поседува целата потребна документација. Тој дури провокативно рече дека тој што го сака објектот, нека се јави и ќе му го даде. Сето ова го нарекува политичка одлука.
„Ни се случи Космос, ќе ни се случи уште многу пати се додека одлуките се базираат на полиитката.“. вели Алити.
„Јас објектот го имам како деловен објект, што има Владата јас не знам, ова е нешто невидено. Ќе ви покажам имотен лист, проект, се по ред, нека знае државата дека имам документи. Јас 25 дена во центар на градот да работам и ниеден од инспекторите да не дојде овде, значи, имам дозвола. Одам според член 76 од законот за изградба, реновирање на објектот бидејќи истиот целосно изгоре.“, рече Алити.
Дека објектот е со дозвола тврдат и неговите двајца адвокати, а најавија дека ќе се жалат до Стразбур.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу иако имаше настан денеска, заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, не се појави да даде дополнително објаснување, а Шилегов уште еднаш порача дека објектот е изграден без дозвола.
Во меѓувреме, со цел да се обезбеди присуство на осомничениот Мевљудин Аити во целиот овој процес, надежниот обвинител до судија на претходна постапка од Кривичниот суд – Скопје, доставил предлог за одредување мерка на претпазливост, забрана за напуштање на местото на живеење, обврска да се пријавува одвреме – навреме во Кривичниот суд – Скопје и одземање на пасошот.
