Тошковски: Истрагата за Кочани не е завршена – опфатени и полициски службеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Истрагата во Кочани не е завршена и во неа можно е да бидат опфатени и полициски службеници.

Ова го истакна министерот Панче Тошковски кој рече дека веќе за седуммина припадници на полицијата се поднесени кривични пријави, но не прецизираше за кои точно се работи, односно дали во нив има и одговорни лица.

„Досега е поднесена кривична пријава против 7 полициски службеници досега, заклучно до вчера против 7 полициски службеници. Можеби во текот на наредниот период ќе имаме и други полициски службеници кои што ќе бидат предмет на отпочнување на истрага. Истрагата не е завршена. За секој еден за кој што ќе се најде доказ дека е причинско – последично поврзан со предметниот кривично правен настан од аспект на исполнување на елементи на конкретно кривично дело ќе биде соодветно процесуиран“, вели Панче Тошковски.

Во меѓувреме, пратеничката група на Левица до Собранието поднесоа иницијатива за интерпелација за министерот во врска со трагедијата во Кочани.

„Интерпелацијата ни е базирана на 10 основи, од кои 5 се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани. Првиот основ е немањето никаква контрола врз дискотеката Пулс што е изричито законска обврска на Министерството за внатрешни работи“, вели Сашко Јанчев.

Ова е втора интерпелација за Тошковски,првата беше поднесена од пратеничката група на Европскиот фронт по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, а која не доби поддршка не само од мнозинството, туку за неа не гласаа ниту од СДСМ.