Тошковски најави одговорност за пасошите, Бојмацалиев вели дека ова се прави за собирање политички поени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако вчера не беа изгласани измените на Законот за патни исправи, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека одговорност мора да има за оние кои го направија хаосот со пасошите. Според него неприфатливо е тоа што СДСМ и ДУИ вчера не ги изгласа измените, поради што, граѓаните на земјава се, како што рече во домашен притвор.

„Ветото Македонците да бидат затворени во домашен притвор, еве ќе го крстам, во државно-домашен притвор е дадено од страна на СДСМ и ДУИ. Има име и презиме од аспект на политичка партија. Одговорност мора да има, не поради друго, заради тоа што законот еднакво треба да важи за секој еден граѓанин на Република Македонија.“, изјави Тошковски.

Но дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, вели дека барањата за измените на законот и најавите за барање одговорност е во насока на собирање политички поени пред граѓаните. Според него, гужвите полека се средуваат со тоа што постојано стигаат нови обрасци.

„Гледате дека обрасците стигаат, граѓаните се услужени тука во Тетово и во Скопје, се функционира како што треба. Ниту има саботажа, ниту има хаос. Имаше само лажна пропаганда и собирање на политички поени со укинување на Преспанскиот договор што ги доведе граѓаните во заблуда. Никој не даде ветување дека законот ќе биде изгласан, затоа нема да создаде никаков хаос и метеж бидејќи граѓаните знаат дека од пред јули 2021 година веќе се издаваат патни исправи со Република Северна Македонија.“, изјави Бојмацалиев.

Во однос на можноста за рефундирање на парите на граѓаните за патните исправи кои имаат важност, рече дека тоа во овој изборен период не може да се направи, бидејќи ќе се смета за изборен поткуп и дека за тоа ќе се разгледува по изборите.