Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека безбедноста на водоснабдителните системи е законска обврска на надлежните институции и општините, а не задача на армијата или полицијата. Тој истовремено ја информираше јавноста дека водата од гостиварскиот водовод сè уште не е безбедна за пиење и може да се користи исклучиво за технички потреби.
На денешната прес-конференција во Центарот за управување со кризи, Тошковски истакна дека водоснабдителните системи не треба да бидат обезбедувани ниту од Армијата, ниту од Полицијата.
„Водоснабдителните системи не треба да бидат обезбедени ниту од Армијата ниту од Полицијата. Секоја институција одговорна за овие системи во општините мора да ги извршува должностите и овластувањата дефинирани со закон“, изјави Тошковски.
Тој ги презентираше и најновите информации за состојбата со водата од гостиварскиот водовод, нагласувајќи дека таа засега може да се користи само за технички цели, но не и за пиење или подготовка на храна.
Надлежните институции продолжуваат да ја следат состојбата, а граѓаните ќе бидат навремено информирани кога водата повторно ќе биде безбедна за употреба.
