Тоска го обвини Филков за забрана на испит на албански – министерот одговори: Освен на македонски, Законот не дозволува правосуден испит на друг јазик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако Уставот и Законот за употреба на јазиците им овозможуваат на студентите да го полагаат правосудниот испит и на албански јазик, министерот за правда Игор Филков, јавно покажувајќи шовинистички и националистички ставови, без никакви аргументи, не го дозволува тоа, обвини пратеничката од Европскиот фронт Дијана Тоска од собраниската седница за пратенички прашања. Заборавете дека албанскиот јазик ќе се врати на нула – тоа нема да го дозволиме, продолжи Тоска, критикувајќи го и ВЛЕН дека молчи и се повлекол пред ова, како што рече, уставно прекршување.

„Децидно изјавивте дека нема да дозволите полагање на правосудниот испит на албански јазик, иако 385 студенти од Правниот факултет потпишале петиција и бараат да полагаат на албански. Ова не може да се игнорира! На што го темелите овој став? На кои закони и на кои членови? Дали е ова тенденција или проект за постепено исклучување на албанскиот јазик од сите државни институции? Како може токму вие, како министер за правда, да носите вакви одлуки без да се повикате на ниту еден одржлив аргумент?!“, праша Тоска.

Уставот и законите важат подеднакво за сите и времето на национал-романтизмот е завршено, одговори министерот Филков. Тој додаде дека прашањето на кое денес треба да одговори ДУИ е што направила за 20 години во власт, повторувајќи дека Законот за јазиците не овозможува полагање на правосудниот испит на албански јазик.

„Во моментов, можност за полагање на испитот на друг јазик освен на македонскиот не постои, бидејќи правосудниот испит е стручен испит и не е управна постапка, а тоа вие добро го знаете. (Инсерција 02,15) Дали некој е националист или не, зборува и овој документ што е двојазичен и е потпишан од мене долу лево. Секој што побарал во Министерството за правда, му било овозможено. Така ќе биде и во иднина“, изјави Филков.

Филков одговорот го заврши со порака дека воопшто не се плаши од најавите за кривични пријави против него. За неговиот одговор, пратеничката Тоска рече дека воопшто не е задоволна, обвинувајќи го за пристрасност за постапка која, според неа, лесно може да се спроведе.