Остри стрели во меѓусебните преписки деновиве си упатуваат градоначалниците на Скопје Данела Арсовска и на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. Во текстот на Арсовска објавен на фејсбук страна таа дури користи и навреди за Ѓорѓиевски. Но, градоначалникот на Кисела Вода кој гостуваше во утринскиот магазин Клик плус на ТВ21 рече дека таквото однесување на еден градоначалник на главниот град е недоличен. Таква е градоначалничката за жал, не знае да прими критика, вели Ѓорѓиевски.
„Продолжува со недолични обвинувања, прозивки, навреди што за мене е несфатливо нормален политичар во 21 век да ги користи, особено градоначалник на градот Скопје. За жал градоначалничката за сите има критика, освен самокритика нема кај неа. Многу е добро во политиката да знаете и да примите критика кај себе и од сето тоа да извлечете поука и да пробате да се поправите“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Ваквиот одговор на Ѓорѓиевски следи откако Арсовска вчера го нарече функционално неписмен, во контекст на случувањата со Јавното претпријатие Дрисла откако градоначалниците меѓу кои и Ѓорѓиевски го истурија ѓубрето пред ова јавно претпријатие.
„Неписменоста, функционална но и целосна, е главниот проблем на Македонското општество во последниве три децении. Градоначалникот на општина Кисела Вода, кој освен што е функционално неписмен, нема ниту основна култура на однесување. Имено, имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на град Скопје е во директна надлежност на градот Скопје“, вели Данела Арсовска.
Практично војната меѓу Арсовска се случи со градоначалниците на сите општини на градот Скопје, откако вработени во Комуналното претпријатие протестираа и не го собираат сметот, со што градот се преплави со ѓубре и се доведе во опасност од ширење зарази.
