Трагедија во Аргентина: Се урна хеликоптер, загинаа седум луѓе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седум лица загинаа во среда во хеликоптерска несреќа во аргентинската покраина Сан Хуан.

„Со длабока тага ја примивме веста за хеликоптерската несреќа што се случи во нашата покраина, во која, за жал, седум лица ги загубија животите“, напиша гувернерот на Сан Хуан, Марсело Орего, на социјалната мрежа X.

Меѓу загинатите има пожарникари, полицајци и членови на цивилната одбрана, рече тој. Спасувачки екипи беа испратени на местото на несреќата.

Хеликоптерот „Бел 412“ бил на обука пред да се упати кон соседна провинција за да помогне во гаснењето на пожарите што таму горат со денови. Се урна во природниот парк Ишигуаласто.

Според Федералната агенција за управување со вонредни состојби, екипажот го изгубил контактот со контролните екипи во 10:26 часот наутро.

Друг авион што летал во областа успеал да го пронајде местото на несреќата и да ги извести властите, по што била започната итна операција. Причината за несреќата сè уште се истражува, објави „Еуроњуз“

Аргентинската министерка за безбедност, Алехандра Монтеолива, изрази сочувство на социјалната мрежа X.

Локалните власти на Сан Хуан прогласија тридневна жалост. Во текот на овој период, националните и покраинските знамиња ќе бидат спуштени на половина копје.

По несреќата, администрацијата на покраинскиот парк Ишигуаласто објави на социјалните мрежи дека сите активности планирани за среда се суспендирани „поради околности надвор од нивна контрола“.