Десетина дена пред крвавиот настан кај Смилковско Езеро, Зоран Трајковски, актуелен полициски службеник во Полициска станица Драчево (поранешен началник на Секторот за оперативно изведување 1998-2003 година) имал информации дека за Велигденските празници, ќе биде нападната полициска патрола или ќе настрадаат невини луѓе.
Во својот исказ за предметот ,,Монструм”, сведокот Трајковски, истакна дека овие информации сакал да им ги каже на директорите на БЈБ, Љупчо Тодоровски-Радникот и Сашо Мијалков, директор на УБК, но тие не прифатиле да одржат средба.
-Околу 40-50 дена пред настанот добив информации дека во Липковскиот регион се појавиле паравоени униформирани формаци, кои освен знакот на УЧК, имале и значка на Илирида. За овие сознанија го информирав началникот на УБК во Куманово. Исто така и Синиша Алексовски сакаше лично да се увери, да ги види паравоените формации, но на крај не отидовме, рече сведокот Трајковски.
Тој кажа дека за овие податоци контактирал со пратеникот Васил Пишев, кој го поврзал со пратеникот Веле Ѓорѓиев. Во својот исказ сведокот посочи дека пратеникот Ѓорѓиев бил фрапиран од тие информации и му кажал дека ќе контактира некој функционер од Военото разузнавање.
– После неколку часа ми се јавија и дојдоа во ПС Драчево. Ме земаа со службено возило и отидовме во просторите на Военото разузнавање – Г2. На оваа средба им кажав се што знам за безбедноста состојба и наведените информации, истакна Трајковски.
МИА
