Американскиот претседател Доналд Трамп денеска пристигнува во Кина на важен состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг, во период на засилени геополитички тензии и чувствителни економски односи меѓу двете најголеми светски сили.
Средбата, која претходно беше одложена поради кризата на Блискиот Исток и војната со Иран, се очекува да биде насочена кон трговските односи, состојбата во Персискиот Залив, енергетската безбедност и прашањето на Тајван.
Трамп во пресрет на посетата упати пофални зборови за кинескиот лидер, оценувајќи дека имаат „многу добар однос“ и дека меѓу двете земји постои силна економска соработка.
Во американската делегација, според најавите од Белата куќа, би можеле да се најдат и неколку влијателни деловни луѓе, меѓу кои Елон Маск, директорот на Apple, Тим Кок, како и претставници на големи финансиски компании од САД.
Аналитичарите оценуваат дека и Вашингтон и Пекинг имаат интерес да ги намалат тензиите и да спречат ново заострување на односите, особено по трговските конфликти и економските санкции во изминатите години.
Дополнителна тежина на средбата ѝ дава и ситуацијата со Иран. Кина останува еден од најголемите купувачи на иранска нафта, додека САД се обидуваат да извршат притисок врз Техеран преку нови санкции и дипломатски активности.
Во фокусот на разговорите се очекува да биде и Тајван, прашање што останува едно од најчувствителните во односите меѓу двете држави. Пекинг инсистира дека островот е дел од Кина, додека САД продолжуваат да му даваат политичка и воена поддршка на Тајван.
Експертите предупредуваат дека исходот од средбата би можел значително да влијае врз идните економски и безбедносни односи во Азија, но и пошироко во светот.
