Трамп испраќа маринци и уште 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште 2.000 членови на Националната гарда, заедно со 700 маринци, пристигнуваат во Лос Анџелес по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, зајакнувајќи го военото присуство кое локалните власти и гувернерот Гевин Њусом не го сакаат и кое, според шефот на градската полиција, создава логистички предизвици за безбедно сопирање на протестите.

Околу половина од околу 700 маринци пристигнаа во градот во понеделник навечер по локално време, додека останатите ќе влезат во градот денес, изјави за Ројтерс неименуван американски функционер.

Трамп го дуплираше бројот на членови на Националната гарда што ги распоредува кратко откако првиот бран од 2.000 почна да пристигнува во недела, среде најжестоката епизода од четиридневните протести против зголемената контрола на имиграцијата, според АП.

Протестите започнаа во петок откако федералните имиграциски власти уапсија повеќе од 40 лица низ целиот град.

Протестите против имиграциските рации се проширија во други градови во САД во понеделник, вклучувајќи ги Сан Франциско и Санта Ана, Калифорнија, како и Далас и Остин, Тексас.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, за KABC изјави дека повеќе од 100 лица биле уапсени во понеделник, но дека повеќето од демонстрантите биле ненасилни.

Минатиот викенд, демонстрантите фрлале камења и други предмети кон полицајците и возилата, а запалиле и неколку возила.

Полицијата одговорила со испукување проектили – бибер топчиња, шок бомби и солзавец.

Трамп ја оправда одлуката за распоредување активни воени трупи во Лос Анџелес опишувајќи ги протестите како насилна окупација на градот, што Њусом и Бас го оценија како „грубо претерување“, пренесува Танјуг.