Трамп ќе го потпише договорот со Украина за минерални ресурси!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Украина планираат да потпишат договор за кој нашироко се дискутираше и со кој на САД ќе им се обезбеди пристап до украинските минерални ресурси, а на Украина заштита во случај на евентуален руски напад. Информацијата за Ројтерс ја соопштија четири извори запознаени со ситуацијата.

Ова доаѓа по катастрофалниот состанок на Овалната соба на 28 февруари, од кој беше протеран украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Шефот на американската држава им порача на своите советници дека сака да ја соопшти одлуката за договорот во своето обраќање пред Конгресот вечерва (по американско време) – околу 4 часот наутро во Македонија.

Ова ќе биде негов прв говор пред двата дома по враќањето на функцијата пред шест недели (Претставничкиот дом и Сенатот – уред.).

Извори на Ројтерс предупредуваат дека договорот се уште не е потпишан и дотогаш ситуацијата би можела да се промени.

Договорот меѓу двете страни не се оствари на 28 февруари, кога се зголемија тензиите во Белата куќа.

„Ризикувате Трета светска војна“, рече Трамп на Володимир Зеленски кој пак истакна дека не сака да направи „компромис“ со рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарече „убиец“.

Потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој беше присутен во Овалната соба, го обвини и Володимир Зеленски за „непочитување“ кон Американците.

Ова нè доведува до денес, кога САД всушност и официјално објавија дека привремено ја прекинуваат воената помош за Украина.