Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран подготвува понуда насочена кон исполнување на барањата на САД и дека се очекува мировните преговори во Пакистан да продолжат.
„Тие даваат понуда и ќе мора да видиме“, изјави Трамп за Ројтерс во телефонско интервју , додавајќи дека сè уште не ја знае нејзината содржина. На прашањето со кого преговараат САД, тој одговори:
„Не сакам да кажам, но преговараме со луѓето кои моментално се на власт“.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, објави дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе отпатуваат во Исламабад на разговори со Иран, со посредство на Пакистан. Таа нагласи дека САД забележале напредок од иранска страна во последните денови и се надеваат на понатамошен напредок во текот на викендот.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, синоќа пристигна во Исламабад за да разговара за предлозите за продолжување на мировните преговори со САД.
