Трамп вели – Иран нема да прифати договор каков што тој смета дека е неопходен, се закани дека ќе го бомбардира Оман

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран нема да го прифати договорот за кој тој смета дека е неопходен за завршување на војната со САД и порача дека Техеран треба да се предаде, додека разговорите меѓу двете земји остануваат во застој.

„Тие нема да постигнат договор од видот што јас сметам дека е неопходен. Видете, ние сме таму од една причина: Иран не смее да има нуклеарно оружје“, им изјави Трамп на новинарите во Овалната соба.

На прашањето дали САД се обидуваат да го продолжат привремениот договор со Иран, Трамп одговори: „Не“.

Привремениот договор постигнат во јуни предвидуваше „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови“, но тој набрзо пропадна. Трамп на 7 јули изјави дека договорот е „завршен“, додека иранското Министерство за надворешни работи една недела подоцна соопшти дека е „суспендиран“.

Според тој меморандум за разбирање, Иран и САД се обврзаа да преговараат за конечен договор – кој би опфатил пошироки прашања, меѓу кои и иднината на иранската нуклеарна програма – во рок од најмногу 60 дена, со можност тој да биде продолжен со меѓусебна согласност. Вчера истекоа 60 дена од потпишувањето на меморандумот.

Неколку часа претходно, Трамп во телефонско интервју за „Фокс њуз“ изјави дека Иран „треба да го крене белото знаме на предавањето“.

Во меѓувреме, Оман и Иран разговараат за постигнување договор за обновување на комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец, низ кој пред почетокот на војната се транспортираа 20 отсто од светските резерви на нафта и течен природен гас.

„Ако Оман ни застане на патот, ќе ги бомбардираме до бесвест“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.

Подоцна, на прашањето дали го губи трпението со Оман, Трамп им рече на новинарите: „Не, не мислам дека се однесуваа многу добро, но со нив би се справиле многу лесно, исто како и со другите работи“.

Спорот околу контролата врз Ормускиот теснец ги зголеми цените на горивата и создаде дополнителен притисок врз Трамп да стави крај на војната, која е непопуларна во САД во пресрет на ноемвриските конгресни избори, на кои ќе се одлучува контролата врз Конгресот.

Трамп за „Фокс њуз“ изјави дека изборите за Конгресот немаат влијание врз неговата стратегија кон Иран. „Среднорочните избори немаат никаква врска со моето размислување“, рече тој.

Претходно во понеделникот, Трамп на својата платформа „Truth Social“ напиша: „Главната цел е, и секогаш ќе биде, Иран да не може, на кој било начин, во каква било форма, да поседува нуклеарно оружје“, повторувајќи една од причините што ги наведува како оправдување за војната.