Трамп возврати по укорот од Претставничкиот дом поради Иран, гласањето го нарече „непатриотско“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на одлуката на конгресмените во Претставничкиот дом на САД, кои гласаа за мерка со која му се упатува укор поради војната со Иран, нарекувајќи ги „непатриотски“.

Во средата, Конгресот усвои мерка со која се настојува да се спречи Трамп да презема понатамошни воени дејства без одобрение.

„Вчера, во едно бесмислено гласање, Претставничкиот дом со гласовите на четворица лоши републиканци и сите демократи се обиде да ги ограничи моите воени овластувања, токму среде моите завршни преговори за ставање крај на војната со Исламската Република Иран. Кој би направил такво нешто што е толку непатриотско?“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа.

Не е јасно колкава правна тежина ќе има усвоената мерка. Белата куќа ја отфрли како неоснована и ја оцени како неуставен обид за ограничување на претседателските овластувања.

Мерката беше усвоена со 215 гласа „за“ и 208 „против“. Таа предвидува Трамп да ги повлече американските сили од конфликтот или да побара одобрение од Конгресот за понатамошно воено ангажирање. Доколку биде усвоена и од Сенатот на САД, нема да биде потребен претседателски потпис, иако е можно да се соочи со правни предизвици.

Во својата објава Трамп дополнително ги нападна демократите, наведувајќи: „Демократите се водени од синдромот на опседнатост со Трамп. Попрво би сакале нашата држава да не успее отколку да ми дозволат уште една победа, од многуте што сум ги остварил.“ За четворицата републиканци кои гласаа за мерката, тој рече: „Тоа е сосема друга приказна – тие се политички егзибиционисти. Треба да се срамат од себе.“

Ова е четврти обид на Претставничкиот дом да ги ограничи воените овластувања на Трамп. Сенатот уште во мај придвижи слична резолуција, но сè уште не гласал за неа на пленарна седница. Иако многумина ја сметаат мерката за симболична, нејзиното усвојување дополнително го зголемува притисокот врз Белата куќа да најде решение за конфликтот, особено во услови на раст на цените на горивата и зголемено јавно противење на војната.

Четворицата републиканци кои го предизвикаа гневот на Трамп беа Томас Меси, Брајан Фицпатрик, Том Барет и Ворен Дејвидсон, кои гласаа заедно со демократскиот блок. Поддршка даде и демократот Џаред Голден, иако претходно бил против слични мерки.

„Само Конгресот има овластување да објавува војна и тоа е нешто што мора внимателно да го заштитиме“, изјави Барет. „Гласам според сопствената совест и според тоа што сметам дека е исправно, и подготвен сум да ги прифатам последиците од тоа.“, одговори тој на прашањето дали се плаши од последици поради гласањето.