Компанијата Рапид Билд за 60 милиони евра во рок од 22 месеци треба да го изгради интерконекторот за природен гас со Грција. Тој треба да биде ставен во функција во 2027 година. Денеска во Министерството за енергетика беше потпишан договорот со компанијата. Министерката за енергетика Сања Божиновска рече дека ова е најголемиот енергетски проект во изминатите 10 години. Задоволна е што сумата е пониска за 12 милиони евра од првиот тендер, кој беше неуспешен.
-Очекуваме изградбата да трае 22 месеци, а интерконекторот да биде ставен во функција во 2027 година, директорот сигурно ќе ви каже повеќе детали. Со тоа ние конечно ќе имаме алтернативен влез за природен гас, ќе имаме поголема сигурност, повеќе извори и помала зависност од единствен снабдувач, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика.
Изградбата ќе почне за еден месец. И министерката и сопственикот на Рапид билд уверуваат дека работите на терен ќе почнат веднаш. Од компанијата велат имаат опрема и механизација, а единствен ризик за пробивање на роковите гледаат само ако трасата не е чиста со експропријацијата.
-Единствен ризик јас што го гледам како изведувач е доколку остане некој дел, некоја, некој дел од трасата незавршена експропријација. Тоа е пречка во која ние се соочивме во минатите проекти каде што доколку не е завршена експропријација на некој дел на трасата ние сме буквално во неможност да работиме да направиме било што. Но доколку е решена експропријација мислам дека за нас нема пречки, изјави Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.
Од Номагас уверуваат дека експропријацијата е завршена над 90 проценти.
Mакедонскиот дел од интерконекторот е со должина од 68 километри – од Гевгелија до Неготино. Парите,се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции.
