„Трета среќа“ за Законот за државјанство – Заев, Села и Гаши се договориле, ама детали само на хартија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и албанската опозиција по третпат се сретнаа за да се договорат околу Законот за државјанство и по третпат истакнаа дека е постигнат договор. Села и Заев рекоа дека успеале да постигнат вербален договор и дека очекуваат истиот да биде пренесен на хартија.

„На добар пат сме. Околу голем број прашања кои ги отворивме како теми постигнавме договор, но се разбира дека останува уште еднаш да ги разгледаме сите точки од законот“, истакна Зијадин Села.

Финалниот текст од законот ќе биде готов за една недела, но Села и Гаши настојуваат да не откриваат детали околу договорот.

„Би ве замолил да не барате детали околу прашањата кои се договорени, бидејќи наш интерес е да им го решиме проблемот на граѓаните“, посочи Зијадин Села. 

Села рече дека нивната цел е преку законот, барем граѓаните кои се родени во Македонија да добијат државјанство. По разгледувањето на финалниот закон, доколку двете страни го прифатат, тогаш истиот ќе биде ставен во собраниска процедура.