Специјалниот суд во Хаг утврдил дека не е докажано постоење на злосторства против човештвото од страна на четворицата поранешни лидери на ОВК.
„Во однос на постоењето на широко распространет напад врз цивилното население како услов за злосторство против човештвото, Судскиот совет утврди дека Специјалното обвинителство не успеало да докаже дека бил извршен таков широко распространет напад врз цивилното население“, изјави претседателот на Судскиот совет.
Во соопштението се наведува дека иако постоела политика или план насочен кон лицата кои биле сметани за противници, жртвите биле избирани врз основа на индивидуални фактори, а не поради нивната припадност кон одредено цивилно население.
„Судскиот совет не е убеден дека лицата кои биле цел на членовите на ОВК во овој судски предмет може да се сметаат за цивилно население“, се наведува во соопштението.
Судскиот совет исто така оцени дека инцидентите што започнале по 20 јуни 1999 година, а за кои биле поднесени обвиненија за воени злосторства, не можат да се квалификуваат како воени злосторства.
