Во саботата почина 61-годишен пациент со западнонилска треска, со што вкупниот број на жртви се искачи на три. За ова информираше министерот за здравство, Сашо Клековски, кој рече дека досега се регистрирани 35 потврдени случаи и три сомнителни случаи, кои се во процес на дијагностицирање.
Во однос на прскањето против комарци, министерот рече дека само општина Студеничани нема извршено прскање и таму се регистрирани два случаи на заразени пациенти.
„17 илјади хектари во Скопје ќе бидат испрскани со авионско прскање, додека 5 илјади хектари со територијално прскање. Зборувам само за градот Скопје, исклучувајќи ги другите општини во скопскиот регион, кои се одговорни за нивното делумно прскање. 17 хектари беа планирани за прскање на застојаните води воопшто. Според лабораториите, тоа се барите во паркот и езерото во Стајковци.“, вели Сашо Клековски.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, информираше дека шест пациенти се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега, додека вкупно 16 пациенти се лекуваат на Клиниката.
„Овие шест пациенти кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се над 60 години. Сепак, меѓу пациентите инфицирани со невроинвазивна форма, најмладиот пациент хоспитализиран е на 25 години. Тој е во стабилна здравствена состојба и се лекува на Одделот за невроинфекции.“, вели Фадиљ Цана.
Министерот Клековски упати апел до граѓаните доколку забележат угината дива птица, особено гавран или некоја друга, да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразени комарци, додека ризикот за развој на тешки форми е поголем кај постарите лица, лицата со ослабен имунитет и оние со хронични заболувања.
Во меѓувреме, Атина моментално е една од најпогодените области во Европа од западнонилската треска. Досега во Грција се регистрирани 81 случај на невроинвазивна форма на болеста и девет лица починале. Случаи се пријавени и во пограничните области со Македонија.
