Трговските центри предвидуваат загуба од 50% – Бектеши смирува: Ќе има поддршка од Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Празни продавници, вака изгледаат трговските центри откако стапи на сила мерката – забранет влез за лицата кои не поседуваат сертификат за вакцинација. Според трговските центри ова ќе ја продлабочи уште повеќе економската криза која трае веќе 1.5 години. Бараат укинување на мерките, бидејќи, како што велат, протоколите кои ги спроведуваат обезбедуваат доволна заштита за клиентите.

„Ова е показател дека трговските центри не се места каде што се шири вирусот. Носењето маски е задолжително во трговските центри, има ограничувања на бројот на посетители во продавниците, постојат сигнализации за одржување на растојание, во секој агол постојат средства за дезинфекција, има распоред за дезинфекција на сите места со кои посетителите стапуваат во контакт, сите системи за вентилација се чистат и дезинфицираат редовно“, посочуваат од трговскиот центар Рамстор.

Предвидуваат намалување на прометот и посетеноста од 40 до 50 отсто бидејќи нивни најчести купувачи се возрасната група 18 – 50. Ова категорија има најмал процент на вакцинација.

Реагираа и од Сојузот на претприемачките комори, велат дека мерките се дискриминирачки и не можат да се спроведат.

„Сојузот на стопански комори е за воведување на заштитен систем, но со мерки кои се логични и недискриминирачки, со кои не само про форма, туку навистина ќе се постигне заштита“, велат од Сојузот на претприемачки комори.

Министерот за економија,Крешник Бектеши смирува, доколку продолжат економските мерки ќе има поддршка од Владата.

Мерките стапија на сила на 16 август, а не се знае до кога ќе важат. За Здравствените власти мерките се воведени за  да се стимулира вакцинацијата.