Три активни пожари низ државата, еден ставен под контрола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарникарските служби и надлежните институции и денеска интервенираат на повеќе локации низ државата поради пожари на отворен простор. Според последните информации, заклучно со 14:30 часот биле регистрирани вкупно шест пожари, од кои три сè уште се активни.

Активни пожари во моментов има во Општина Демир Хисар, кај селото Обедник, каде што гори ниска вегетација, во Куманово во населбата Перо Чучо, каде што огнот зафатил бандери и дрвја, како и во Општина Илинден, кај селото Јурумлери, каде што е опожарен кабаст отпад.

Надлежните информираат дека под контрола е ставен пожарот кој зафати ниска вегетација на подрачјето меѓу селата Делисинци и Сарамзалино во општините Свети Николе и Лозово.

Во меѓувреме, успешно се изгаснати два пожари. Едниот бил на улицата „Ѓуро Пуцар“ број 38 во Куманово, каде што горела ниска вегетација, додека вториот бил регистриран кај селото Чашка во Општина Чашка.

Екипите на терен продолжуваат со активностите за локализирање и целосно гаснење на активните пожари, а надлежните апелираат до граѓаните на внимателност и одговорно однесување за да се спречи појава на нови пожари во услови на високи температури и суво време.