Три години од договорот за добрососедство, заедничката македонско-бугарска Комисија и натаму на пауза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред три години Македонија и Бугарија потпишаа Договор за добрососедство. Но, и по три години Комисијата која произлезе од Договорот на експертите по историски и образовни прашања, нема решение за важните историски фигури, како што е Гоце Делчев.

Работата на комисијата е еден од најважните аспекти за спроведување на договорот. Бугарија порачува дека целосното спроведување на Договорот е клучно за пристапувањето на нашата земја во ЕУ.

-Ние веруваме во добрососедските односи како фундаментална европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ… Еден од најважните аспекти е работата на заедничката мултидиспциплинрана експертска комисија за историја и образовни прашања. Бугарија очекува Комисијата да продолжи со работа и наскоро да оствари вистински напредок врз основа на објективно толкување засновано на автентични и историски извори и докази-рече Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, цитирајќи непознат автор изрази увереност дека Бугарија ќе ја прифати Македонија онаква каква што е.

-Пријател е оној кој го разбира твоето минато, верува во твојата иднина и те прифаќа баш таков каков што си – непознат автор. Токму оваа мудрост, применета и од македонска и од бугарска страна, со трпение и зрелост, ќе нѐ носи напред. Да најдеме разбирање за минатото, да работиме на иднината и да се прифатиме какви сме и кои сме во сегашноста-рече Димитров.

Работата на комисијата заглави кај историјата на XIX-XX век, а спорна не е само фигурата на Гоце Делчев.

Комисијата замина на пауза поради изборите и сѐ уште не се знае кога ќе почне со работа. ТВ21 се обиде да дознае кога ќе продолжат дебатите во комисијата, но претседателот Ѓоргиев беше недостапен за коментар.