Три месеци без плата! – Протестираат вработените на Водовод и канализација во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените во претпријатието Водовод и Канализација во Тетово се кренаа на протест, бидејќи, како што велат, тие што се вработени со решение два и пол месеци не зеле плата, а тие што се со договор се три и пол месеци без плата! Се жалат дека во претпријатието се плаќаат над 80 вработени, а само 6 или 7 реално работат на терен.

„Ние што сме со решенија два и пол месеци немаме земено плата, осигурувањето се плаќаат пет дена без да е завршен месецот, така што ние во болница не можеме да отидеме, ни велат овој месец ќе го исчистиме другиот месец, ние имаме и кредити,на извршители сме. Нож до коска е работава. Додека не земеме плата, не мислиме да работиме тука. Вработени сме во претпријатието Водовод и Канализација 80 или 85 лица, а само 6 или 7 лица сме што одиме на терен. Администрација, шефови, заменици шефови, контролори, едно, друго“.

„Три и пол месеци како тие што се со договори, три и пол месеци, а тие со решенија, два и пол месеци не зеле. Јас примам 20 илјади, со документ, тие во администрација примаат 30 илјади а колку земаат, не можам да каам ништо, но овде над 20 илјади не верувам дека зема некој“.

Велат дека кога мрежата има дефект, и на минус 20 степени одат за да ја поправат, а платите иако ниски, не бараат покачување туку само да бидат редовни.

„Кога е работата за Лешница или Попова Шапка и на минус 20 ние ја одржуваме, јас и овие господа овде, ние го одржуваме цел град. Целиот град со 2 или 3 мајстори, не можеме да останеме веќе, ние го почитуваме и директорот и шефот, но ние ги бараме платите а од каде, нека мисли општината, претпријатието или кој….“

„Нема овде политика, овде нема инает, туку искреност, една европска развиена земја бара  вакви мајстори, а ние сме овде во татковината, и се надеваме и не престануваме да се надеваме. Не бараме да ги покачат платите, бараме основни работи“

Побаравме став од претпријатието Водовод и Канализација но ни рекоа дека не сакаат да зборуваат пред камера. Телефонски ни рекоа дека очекуваат ЈКП Тетово да се подели на две и потоа да се реши нивниот проблем, бидејќи, според нив, средствата што се плаќаат за вода и канализација се доволни за овие вработени.

Инаку пред неколку месеци, општина Тетово издвои 25 милиони денари за исплата на платите на вработените во ЈКП Тетово, но исплатата се одвива многу бавно.