„Се обидувам да не слушам, ги затворам ушите, но стравот останува! Понекогаш сакам да бидам сам, не затоа што сакам, туку никој да не знае што имам внатре во себе!“
„Другите деца се смеат и играат, јас мислам дали сè е во ред дома!“
Со овие пораки започна меѓуминистерската конференција за превенција на семејното насилство.
Психолозите во 350 основни училишта низ целата држава ќе бидат вклучени со обуки за наставниот кадар за идентификација на индикаторите кај учениците за семејно и врсничко насилство. Од Министерството за образование во новата учебна година подготвуваат најинтензивен план преку психолозите, за превенција на рани девијации кај учениците и малолетничка деликвенција.
„Во тој план се предвидени и овие обуки, вие ги викате дополнителни часови, но јас би ги нарекла работни часови со учениците за намалување на насилството меѓу врсници. Кога тоа се прави во наставните часови или надвор од наставните предмети и се интензивира нивната работа надвор од планот доколку во тие училишта се појави насилство меѓу врсници.“, вели министерката Весна Јаневска.
Агресивното однесување кај децата, психолозите се обидуваат да го идентификуваат дали доаѓа од семејно насилство или од врсничко насилство во основните училишта, велат од Комората на психолози на Македонија.
„За врсничкото насилство се прилично обучени службите, особено психолозите, во периодот што измина беше многу актуелна тема, но тука не се допираат само причините, ќе навлеземе подлабоко во проблематиката и ги обучуваме надлежните служби, односно ги уедначуваме знаењата на психолозите и сите 350 основни училишта ќе бидат опфатени со детални обуки за препознавање на индикаторите на семејно насилство.“, изјави Емилија Бошковска од Комората на психолози на Македонија.
Националната иницијатива беше поддржана од Министерството за социјална политика и Министерството за внатрешни работи. Министерот Лимани истакна дека врсничкото насилство не се случува изолирано, туку често е последица на нарушени семејни односи, изложеност на насилство, недостиг на емоционална поддршка и негативни влијанија од социјалните мрежи. Министерот Тошковски нагласи дека податоците од полицијата покажуваат паралелен раст и на семејното и на врсничкото насилство.
„Во истиот период кога се зголемува семејното насилство – се зголемува и насилството меѓу учениците! Не можеме со сигурност да кажеме дека секој конкретен случај е поврзан, но од криминален аспект се гледа дека изложеноста на насилна средина е еден од најсилните ризици како фактор за зголемување на агресивноста. Во периодот 01.01-28.05 оваа година се регистрирани 768 кривични дела од семејно насилство, наспроти 460 случаи во истиот период лани. Значи имаме зголемување од 68%!“, вели Тошковски.
Покрај обуките, ќе се организираат дискусии со наставници, родители и ученици за зголемување на јавната свест и за зајакнување на соработката меѓу семејствата, училиштата и институциите. Врз основа на добиените искуства и препораки, ќе се изработи унифициран протокол за постапување со сомнително насилство, велат надлежните.
