Три нови случаи на западнонилска треска: Седум пациенти се хоспитализирани, еден е во тешка состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потврдени се три нови случаи на западнонилска треска, со што бројот на потврдени случаи се искачи на 11. Двајца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а еден на Клиниката за неврологија.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека дел од новите случаи немаат историја на патување надвор од државата и се регистрирани во Скопје.

„Освен случаите кои патувале во Грција, дефинитивно има и случаи кои не патувале надвор од државата и живеат на подрачјето на Скопската Котлина. Таму веќе се започнати стандардните мерки, вклучително и дезинсекција во радиус од 200 метри околу местото на живеење на заразените лица. Тоа го спроведува Центарот за јавно здравје, а не општината.“, рече Клековски.

Клековски додаде дека досега е регистриран и еден случај во Велес, за кој се спроведува дополнителна епидемиолошка анализа со цел да се утврди евентуална поврзаност со останатите случаи. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата и ќе одлучи дали ќе бидат преземени дополнителни мерки.

„Комисијата за заразни болести работи континуирано и од минатата недела фокусот се префрли од Гостивар на заразните болести. Штом ги добиеме нивните препораки, ќе постапиме согласно нив. Засега остануваат во сила мерките што ги спомнав вчера.“, вели Клековски.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, за МИА изјави дека седум пациенти се хоспитализирани на клиниката, додека здравствената состојба на 76-годишен пациент од Скопје и понатаму е тешка и тој е на респираторна поддршка. Пациентот е хоспитализиран веќе една недела и не патувал надвор од државата.

Тој исто така информираше дека кај сите хоспитализирани пациенти е констатирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите вклучуваат висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест.