Засега само една репрезентација се одлучи да му даде отказ на селекторот по неуспешното ЕУРО 2020. Станува збор за селекцијата на Холандија, која по елиминацијата од Чешка, се реши да го смени Франк Де Бур.
И Македонија остана без селекторот Игор Ангеловски, но тој самиот си замина, односно му истече договорот, па на негово место веднаш беше назначен Благоја Милевски. Јоаким Лев, пак, германскиот селектор уште пред ЕУРО најави дека ќе се повлече после шампионатот.
Меѓутоа се стравува дека бројката на сменети селектори после ЕУРО 2020 ќе биде поголем, особено што на „удар“ се уште неколку предводници.
Прв на таа листа е рускиот селектор Станислав Черчесов. Тој истакна дека нема намера да си поднесе оставка, меѓутоа може да биде сменет. Иста е ситуацијата и со хрватскиот селектор Златко Далиќ, како и со турскиот предводник Шенол Ѓунеш. Завчера Шведска беше елиминирана од Украина, па разговори со федерацијата најави Јане Андерсон, по кои ќе се знае дали ќе остане или не.
