Трка за албанските општини – се стеснува бројот на можните имиња на кандидати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колку повеќе се наближува есента, толку потесен е бројот на имињата за можни кандидати за градоначалници. Дел од нив веќе се официјализирани од партиите, но за некои општини партиите сѐ прават анализи – кого да кандидираат или дали воопшто да излезат со кандидат.

Во Тетово, каде се мерат силите меѓу албанските партии, од редовите на ДУИ се очекува повторна кандидатура на Теута Арифи, која, како што рече пред неколку недели првиот човек на партијата, Али Ахмети за ТВ21, не стои лошо во анкетите. Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива сѐ уште не се знае со сигурност со кој кандидат ќе настапи во овој град, додека името за кое најмногу се шпекулира е лекарот Илир Демири. Од Движење Беса веќе потврдија дека повторно ќе биде кандидиран претседателот на партијата Биљал Касами. Официјален кандидат на ДПА и овојпат ќе биде Сади Беџити.

Во Гостивар, под логото на интегративците најверојатно ќе истрча Невзат Бејта.

Коалицијата АА-ААА потврди дека нивен кандидат ќе биде актуелниот градоначалник Арбен Таравари. Противкандидатот од редовите на Беса ќе му биде пратеникот Фадиљ Зендели, а од ДПА веќе потврдија дека во трката ќе влезат со Фримзим Даути, актуелниот директор на Национална библиотека.  

Кичево останува најнеизвесна кога станува збор за можните кандидати за градоначалник. Има шанси ДУИ повторно да излезе со Фатмир Дехари, но наспроти него може да се најде неговиот поранешен сопартиец Фатмир Лимани, кој најави независна кандидатура, а веќе почна и кампања во кичевската дијаспора. Не се знае ниту дали коалиција АА-ААА ќе поднесе кандидатура во овој град, бидејќи поради поделбата на гласовите постои ризик општината да им „лизне“ од рацете на албанските партии. Беса, како што дознава ТВ21 е сигурна дека во Кичево нема да излезе со кандидат, од ДПА нема никаква информација, иако може да се истакне дека партијата стои прилично слабо во оваа општина.

Интегративците по сите изгледи, и на овие избори Струга ќе му ја доверат на Рамиз Мерко. Како противкандидат од редовите на АА-ААА се спомнува Имер Имери. Беса, крајезерскиот град ќе се обиде да го добие со кандидатурата на Абдулах Ќазими. Сѐ уште не се знае дали ДПА ќе предложи кандидат и кој би бил.

Во Дебар, ДУИ повторно планира да истрча со Хекуран Дука. АА-ААА сѐ уште прави анализи, но потенцијалните имиња се Илирјан Фетаху и Беким Поцеста. Беса во оваа општина најверојатно ќе излезе со Нехат Хиса, а од ДПА сѐ уште нема ништо конкретно.

Во однос на другите општини раководени од Албанци, од она што е познато досега, ДУИ ќе се обиде повторно да го добие Липково преку Еркан Арифи, Беса планира да го кандидира поранешниот новинар Фатос Рушити или, пак роднина на борецот Исмет Јашари-Командант Куманова, чие име останува во тајност. За Липково кандидатот на ДПА ќе биде Бурхан Мурати.

Се очекува ДУИ уште еднаш да ги побара гласовите за Чаир преку Висар Ганиу, иако претходно како потенцијален кандидат кружеше името на Адријан Муча. И кај опозицијата, се поизвесно е дека нивен кандидат ќе биде Беким Сали, но неговата кандидатура сѐ уште не е потврдена. Движењето Беса, за Чаир има две можни имиња – лекарот Ридван Бајрами или Седат Рамадани, советник во Град Скопје. ДПА ја официјализираше кандидатурата на Мисин Градинај за Чаир.

Огранокот на ДУИ во Сарај одлучи Блерим Беџети повторно да се кандидира на локалните избори кои се очекува да се одржат во октомври. За Коалиција АА-ААА сѐ уште не се знае, иако се шпекулира за Башким Бакиу. Беса во изборната трка за оваа општина ќе влезе со Хасим Муртезани или бизнисменот Ислам Зибери. За ДПА не се знае.

Во Теарце, под логото на ДУИ има шанси кандидат да биде Нухи Незити. Познато е дека кандидат на АА-ААА ќе биде бизнисмен од дијаспора, но сега за сега не го откриваат името. Беса се очекува да се трка со Абдуш Демири, директор на Агенцијата за вработување, додека ДПА веќе ја официјализираше кандидатурата на Даут Емини.

Во Желино, имињата кои кружат се: Фатмир Изаири од ДУИ, Блерим Сејдиу од Беса, додека Медин Назифи е веќе официјален кандидат на ДПА.

За Врапчиште се очекува интегративците во трката да влезат со Неби Реџепи, а албанската опозиција со повторната кандидатура на Исен Шабани. Повторна кандидатура од оваа коалиција се очекува да има и во Боговиње со Аљбон Џемаили. Тука, спроти него како противкандидат од редовите на ДУИ можно е да застане Нурхан Изаири.

Останува да се види дали на овие избори ќе има пресврт во општините кои во моментов се под раководство на владејачките партии, како што е Арачиново со кое управува СДСМ, Брвеница и Долнени предводени од ДУИ, или пак во Студеничани кое се смета за бастион на ДПА. Останува да се види и дали во о.Чашка албанските партии ќе се обединат со еден кандидат за да ја добијат општината, или пак ќе ризикуваат секоја да излезе посебно со свој кандидат.