Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски контра архитектот Мишко Ралев. Вака би изгледала во моментов трката за градоначалник на Скопје меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, врз основа на внатрепартискиот распоред на силите и пред партиските органи да ја донесат одлуката кој ќе биде нивен кандидат во борбата за најпрестижната позиција во рамките на локалната самоуправа.
Според информациите на ТВ21, најверојатно на седницата на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ која ќе се одржи во недела, ќе биде потврдено името на Ѓорѓиевски за кандидат. Неговиот најголем внатрепартиски противкандидат за оваа позиција, Златко Перински, вели дека нема таква информација.
„Точно е во 12.30, нашата партија ВМРО ДПМНЕ има закажано состанок на Извршниот комитет и очекувано е да се соопшти меѓу другите имиња за градоначалници, да се соопшти името за градот Скопје, не само за Орце Ѓорѓиевски, туку и за било кој кандидат кој што ќе биде поддржан од мојата партија. Пред се, тоа е огромна чест и ќе ја има мојата целосна поддршка не само во насока на спроведување на програмата, туку и поддршка во насока на кампањскиот период кој што ќе не очекува воочи на локалните избори“, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, телефонски за ТВ21 рече:
„Нема да ги коментираме имињата се додека не поминат во партиските тела. Стрпете се, тоа ќе биде во наредните денови“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според информациите од опозициската партија, најсериозен кандидат за градоначалник на Скопје е архитектот Мишко Ралев. Тој за ТВ21 потврди дека е во игра за оваа позиција. Но, во трката се приклучила и поранешната министерска за екологија, Каја Шукова која се самокандидирала и е дел од раководството на партијата, нешто што не е Ралев.
Инаку, Перински вели дека анкетите во партијата покажуваат сигурни победи во огромен број општини, меѓу кои и скопските, како и во Град Скопје. Но, не одговори дали за општина Центар ќе имаат свој кандидат, дали дефинитивно ќе го поддржат на коалициониот партнер од ЗНАМ и дали има вистина шпекулацијата дека ќе дадат поддршка на актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски.
„Од наша страна, сега зборам на кандидатите кои што ќе бидат предложени или поддржани од страна на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, и за, би рекол неколку дена би имале потврда на тоа како ќе настапиме во следниот период“, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ.
Перински, ја повика СДСМ и ДУИ, бидејќи без нив немаат Бадинтерово мнозинство во Собранието, да гласаат за Законот за локална самоуправа кој не може да помине без мнозинството гласови од Албанците. Тој вели дека коалицијата е стабилна, но не даде јасен одговор дали после локалните избори се можни предвремени парламентарни избори за да се обезбеди ова мнозинство.
