Веле Трпевски кому ова ќе му биде втор мандат како амбасадор во Албанија поздравниот дел од своето излагање го кажа на албански јазик. Македонија и Албанија имаат соработка во секоја сфера особено со тоа што и двете земји се залагаат за членство во Европската унија и имаат традиционално пријателски односи, рече тој.
„Како соседи немаме отворени прашања, нормално, соработката уште повеќе ќе се продлабочи преку нашата заедничка интеграција кон Европската унија како и заедничкото членство во НАТО и соработката која што ја бележиме во овој дел. Дополнително важно е дека започнавме процес на заеднички владини седници тоа е еден процес кој што започна во 2017 година“, вели Веле Трпевски.
Продлабочување на политичките односи и економската соработка, потоа зајакнување на меѓупарламентарната соработка, одржување редовна комуникација со данските институции, иницирање средби во области кои се од заеднички интерес за двете земји, ангажирање на дијаспората, се дел од приоритетите што ги изнесе идниот амбасадор на земјава во Кралството Данска Фадиљ Зендели.
„Данска дава поддршка за европската перспектива на нашата земја и реформите кои се многу значајни за понатамошната интеграција на нашата земја во Европската унија. Значи официјалниот став на Данска е членките аспиранти за Европската унија кои ги исполниле копенхашките критериуми треба да се дел од Европската унија“, вели Фадиљ Зендели.
Никола Блажевски својот иден дипломатски ангажман во Украина очекува да биде со многу предизвици поради тоа што таа земја се соочува со руската агресија и со дотогаш тој ќе биде нерезидентен амбасадор. Блажевски вели дека покрај унапредувањето на меѓусебните односи, многу е важно да се следи и начинот на кој Украина ќе го приближува своето членство во Европската унија, особено поради проблемите што таа ги има со скоро сите нејзини западни соседи а кои се членки на ЕУ.
„Посебно ќе биде интересно да се следат евентуалните модалитети кои Европската унија ќе ги предлага во процесот на интеграцијата на Украина во Европската унија а би се однесувало и на другите земји кандидати. Ќе биде интересно да се следи навистина оваа работа бидејќи Украина со некои свои соседи има, можеби не отворени прашања, но работи кои би биле во одредени моменти спорни и можеби злоупотребени“, вели Димитар Блажевски.
Инаку, свои испраќања во дипломатските претставништва чекаат 9-мина амбасадори. Еден од нив е екс министерот за европски прашања Орхан Муртезани кој треба да замине како амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Нови дипломатски претставници на земјава ќе има и во Лондон и Хаг а се очекува да бидат испратени и уште двајца претставници во конзулатите во Мелбурн и Атина.
