Тројца полицајци од Кочани беа прогласени за виновни во случајот „Пулс“.
На Кире Богатинов и на Горан Лазаров, Судот им изрече условна казна затвор од една година, а на командирот на ПС Кочани Александар Темелков условна казна од две години.
Тоа значи дека обвинетите нема да одат во затвор, доколку не сторат ново кривично дело во период од четири години.
На објавата на првостепената пресуда во Кривичен, не присуствуваше ниту еден од обвинетите, ниту нивните бранители.
Судот за пресудата рече дека ги ценел како олеснителни околности тоа што обвинетите претходно не биле осудувани, што биле семејни луѓе, и тоа што нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици што би се довеле во директна причинско-последична врска со настанот во „Пулс“.
