Албанските власти не ги спречиле тројцата функционери на ВЛЕН вчера да влезат во Република Албанија, туку пречката се однесувала само на четврто лице кое било со нив. Ова е појаснувањето што го даде генералниот директор на Државната полиција на Албанија, Скендер Хита, во врска со вчерашниот случај со Беким Ќоку, Аднан Азизи и Хасим Муртезани.
„Вчера на граничниот премин Ќафасан се појавија четворица државјани со намера да ја преминат границата. Тројца од нив поседуваа и дипломатски пасоши и им беше кажано дека можат да го продолжат патувањето, но едно лице кое беше со нив, а имаше законски пречки на граница, не можеше да патува кон Република Албанија. Во тие околности, сите четворица не прифатија да го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија“, рече Скендер Хита, Генерален директор на државната полиција на Албанија.
И пратеникот Беким Ќоку потврди дека се вратиле затоа што не сакале да го остават само четвртото лице кое било со нив.
„Во моментот кога ни беше соопштено дека на еден од нашите сопатници му е одбиен влезот, решивме да се вратиме. Сè уште не ни е јасно зошто се случи тоа. Во меѓувреме знаеме дека има неколку забрани, односно одбивања за влез, кои ги изрекла албанската држава, главно за Албанци од Северна Македонија, и тоа нè прави многу лути и револтирани, бидејќи не разбираме зошто се случува тоа“, рече Ќоку.
Според она што го изјави другиот пратеник, Аднан Азизи, функционерите претходно слушнале од активисти дека постојат забрани за влез во Албанија, нешто што, како што рече, не верувал дека може да им се случи на официјални лица. На овој настан му даде и политичка димензија, алудирајќи на поддршката за протестите во Албанија, како и на поддршката што била дадена за студентските протести во Македонија.
„Навистина е апсурдна ситуација. Се случи спротивното – Албанија се вмеша, бидејќи ДУИ побара помош од официјални претставници на албанската држава. Претседателот на пратеничката група Таулант Бала јавно ја поддржа протестната акција организирана од ДУИ, еден апсурден протест што нема никаква врска со националните интереси. Потоа и албанскиот амбасадор јавно се појави со организаторите, се фотографираше со нив и им даде поддршка. Исто така, оние што дојдоа од Албанија и Косово ги прими во Амбасадата. Но ние никого од нив не сме го пријавиле, ниту сме побарале државата да ги прогласи за персона нон грата“, изјави Азизи.
За настанот со официјална реакција се огласи и партијата ВЛЕН, барајќи од албанските власти, доколку постои забрана за нејзините функционери, да излезат со официјални документи во кои ќе биде наведено кој ја донел одлуката, врз која законска основа и од кои конкретни причини. Од ВЛЕН велат дека меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционална почит и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомнежи.
