Царовска се фали со дигиталните учебници – родителите се жалат дека децата не добиле таблети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новиот концепт на настава со дигитални учебници во четврто одделение, за министерката за образование, Мила Царовска, е успех. Како што уверува сѐ оди во најдобар ред, додавајќи дека учебната година ја почнале подготвени. Царовска вели дека се обезбедени 3.000 таблети во сите општини кои немале средства за истите.

Бевме на терен и забележавме дека со таблети не располагаат сите ученици. Посетивме неколку училишта, каде од разговор со директорите дознавме дека во секое училиште има недостиг на таблети.

Ова го потврдуваат и родителите, според кои, новиот проект е само експеримент, бидејќи како што уверуваат, нивните деца не добиле електронски уред за да следат ваков вид настава. Родителите раскажуваат дека се принудени на децата да им го фотокопираат учебниот материјал за да можат да бидат во тек со наставата.  

„Да ви кажам искрено мене ова ми личи на експеримент, имајќи предвид дека не бевме доволно подготвени ние како родители и не бевме известени каков ќе биде новиот образовен систем. Што се однесува до уредите, не се подготвени сите семејства, не само мојот случај конкретно, туку и другите. Доколку е неопходно, тогаш требаше сите деца да имаат уред „ај-пад“ „смарт-таблет“ или некој друг вид. Јас мислам дека овие паралелки не ги исполнуваат условите за ваков систем“, истакна родител.

Како што се чини, на учениците им е полесно да учат од печатени учебници.

„Со книги, со книги“, вели ученик.
Н: Не сакате да учете преку ај-пад или компјутер?
„Не, не!“, додаде ученик.

Во училиштата освен што нема таблети, има и дефицит на учебници, а оние кои веќе ги добиле се исчкртани и искинати. Министерката Царовска вината им ја префрла на директорите на училиштата кои, како што вели, не побарале книги од МОН.