Независно од резултатите од пописот, нема да се чепкаат ничии стекнати права и слободи во Северна Македонија, а за да нема спорови, потребен е политички консензус, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со градоначалниците и државниот врв. Непотребното политизирање може да биде единствениот предизвик во врска со пописот додаде Претседателот, спомнувајќи ги повиците за бојкот, лицитирањето со процентите и најавата за неприфаќање на резултатите доколку некому не му се допаднат бројките.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери истакна дека пописот не е и не смее да биде политички. Апелираше до граѓаните за соработка, со давање точни податоци за присутните членови и за тие што недостигаат во семејството и да нема обиди за давање лажни податоци бидејќи тоа е казниво со закон.
Премиерот Зоран Заев рече дека најавите на опозицијата за бојкот на пописот во било која форма, е најлошата одлука што може да ја донесе една политичка партија, бидејќи освен што е законски неприфатливо, тоа предизвикува конфузија кај граѓаните на штета на државата.
На оваа координативна средба со градоначалниците, присутен беше и директорот на Државниот завод за статистика кој рече дека локалната самоуправа е клучен фактор за спроведување на пописот особено за обезбедување логистика и организација. Повикот упатен до градоначалниците е да се вклучат во секој аспект и да помогнат колку што можат во пописот.
