Нападот на Израел врз Иран ги вивна цените на суровата нафта и на природниот гас на светските берзи. За помалку од една недела цените на овие два енергенса се зголемија околу 20 насто. Според првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, далеку сме од пиковите од пред неколку години.
„Во моментов, цената на дизелот ми се чини е 67,5 денари, тоа е многу далеку од едно ниво кога имавме цени 95 – 100 денари, имавме еден пик кога дизелот беше 110 денари, бензините беа 112 денари и многу е далеко од таа ситуација. Така и да не верувам дека ќе дојдеме во таква ситуација кога имавме енормно високи цени на нафтените деривати.“, вели Марко Бислимовски.

Од владата велат дека стоковите резерви се полни со нафтени деривати. Според извештаите, во моментов можат да се покријат 76 дена од просечниот дневен увоз, додека планот на Владата е до крајот на годинава ова да се зголеми на европскиот стандард од 90 дена.
„Само во тековниот месец се набавени пет милиони литри, а до крајот на годината се планира и нова набавка со сличен обем, што претставува показател за проактивен и одговорен пристап во управувањето со енергетската безбедност“, изјави Марија Митева, портпаролка на Владата.

Бислимовски најави дека ако во текот на неделата, на петдневен просек има зголемување или намалување од два денари цените ќе се одредуваат на дневно ниво. Сепак, се надева дека нема да дојде до тоа. Од владата велат дека ако дојде до нарушување на пазарот, ќе се интервенира.
„Доколку дојдат до евентуален пораст на цената на нафтените деривати, навремено ќе бидат преземени соодветни мерки за заштита и на граѓаните и на стопанството, за што јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана.“, изјави Митева.
Поголемо нарушување може да се очекува ако Иран поради нападите од Израел го затвори Ормускиот теснец преку кој дневно поминуваат 20 отсто од светската сирова нафта, пред се од земјите на ОПЕК како што се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Иран и Кувајт. Преку овој теснец поминуваат и 20 отсто од течниот природен гас од Катар кон Азија.

Но, Бислимовски е повеќе загрижен што драстично се зголеми цената на природниот гас. Тој вели дека растот на цената на овој енергенс директно влијае на растот и на цената на електричната енергија. Сепак, тој ја смирува јавноста и дека до крајот на 2025-та нема да има никакви промени.
Но, ова не важи и за компаниите бидејќи тие се снабдуваат на слободниот пазар на електрична енергија.
