Цените на јајцата и оризот замрзнати – едно јајце ќе чини до 9,8 денари, следи замрзнување и на овошјето и зеленчукот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата донесе одлука за замрзнување на цените на јајцата и на оризот. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека замрзнувањето ќе биде на ниво од 15 март годинава а ќе важи до 30 април. Поради големата побарувачка на јајца од земјите во регионов ограничен е и извозот на јајцата и производителите треба да обезбедат за домашниот пазар најмалку 70 проценти од нивното производство.

„Донесовме одлука за понатамошно замрзнување на цените на основните прехранбени производи меѓу кои и јајцето од кокошка и оризот, со што нивните највисоки цени ќе останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година со важност до 30 април 2023 година. За таа цел а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам со цел да се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка производителите, најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар“, вели Димитар Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти колку ќе биде цената на јајцата.

„Просечната цена на јајцата во Северна Македонија се околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари по јајце, сега зависи од пакувањето и од амбалажата и слично, зависно од компаниите во делот на трошоците што ги имаат. Многу е важно да се наведе фактот дека е зголемена побарувачката за производството на јајца од нашата држава, посебно од нашите соседи“, порача Крешник Бектеши.

Бектеши информираше и дека наскоро може да се очекува и замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, за што во моментов се прават анализи во Министерството за земјоделство.