Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13:00 часот денеска, 15 август, во земјава се регистрирани вкупно 11 пожари на отворен простор.
Од нив, шест пожари се активни, три се ставени под контрола, а еден пожар е изгаснат.
Активни пожари се регистрирани на повеќе локации низ земјава. Во Општина Студеничани гори во атарите на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде е зафатена мешана шума.
Во Општина Македонски Брод активни се пожарите кај месноста Видуш, во близина на селото Драгов Дол и кај Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожар има и во Општина Велес, во атарот на селото С’лп, на местото викано Горно Село, каде се зафатени ниска вегетација и ретка дабова шума.
Во Општина Јегуновце активен е пожарот меѓу селата Копанце и Туденце, кој се шири во правец кон селото Бојане, на скопска страна. Зафатена е шума.
Активен пожар е регистриран и во Општина Бутел, во близина на селото Визбегово, каде гори ниска вегетација и ѓубриште.
Во Општина Маврово-Ростуше активен е пожарот кај селото Бибај, каде е зафатена зимзелена шума, претежно ела.
Три пожари се под контрола во Општина Крушево. Станува збор за пожарите кај селата Борино и Житоше, кај Алданци кон Норово и кај селото Селце. На овие локации гори ниска вегетација и деградирана дабова шума.
Еден пожар, во Општина Битола, кај селото Нижеполе, е целосно изгаснат. Таму биле зафатени ниска вегетација и бандера.
Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата со пожарите на отворен простор и да ги координираат надлежните институции и служби на терен.
