Гужвите на граничните премини и незадоволството на дел од возачите поради сообраќајните казни во Македонија предизвикаа остра реакција од адвокатот Владимир Туфегџиќ. Тој преку објава на социјалните мрежи ја критикуваше, како што ја нарече, „балканската ирационалност“ и однесувањето од инает, оценувајќи дека на тој начин граѓаните најмногу си создаваат проблеми самите на себе.
Туфегџиќ се осврна на ситуациите во кои патници и возачи се соочуваат со дополнително чекање на границите поради неплатени или спорни сообраќајни казни.
Според него, ваквите реакции покажуваат отпор кон институциите и правилата, но истовремено резултираат со дополнителни нервози и губење време.
„Се малтретираш и себе си и фамилија, самиот си создаваш проблеми и нервози за да докажуеш инает“, напиша адвокатот.
Во својата реакција, Туфегџиќ прави споредба со државите во кои, според него, граѓаните имаат поинаков однос кон институциите и законите. Тој посочува дека почитувањето на државата, судот и полицијата е дел од воспоставениот систем на функционирање.
Адвокатот смета дека ваквиот однос кон институциите и правилата е поширок општествен проблем, кој, според него, придонесува и за иселувањето на населението од Македонија и од други балкански земји.
Тој оценува дека дел од балканските држави и натаму остануваат заробени во менталитет кој го нарекува „балкански примитивизам“, со поголем фокус на минатото отколку на иднината.
Својата објава Туфегџиќ ја завршува иронично со пораката: „Свакога дана у сваком погледу све више напредујемо“.
