Адвокатот Владимир Туфегџиќ вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 се осврна на постапката за избор на нов државен јавен обвинител, оценувајќи дека во јавноста се создал погрешен амбиент на поделби – како да се избира меѓу „подобни“ и „најспособни“, наместо кандидатот да ги поседува и двете карактеристики.
Говорејќи за еден од кандидатите, Туфегџиќ посочи дека доколку се чита законот стриктно, тој ги исполнува формалните услови.
„Господинот Панчевски ги исполнува условите ако го читаме законот онака како што е напишан – непрекинат стаж и останатите критериуми. Тоа е реалност. Не знам врз основа на што Советот на јавни обвинители би го елиминирал од понатамошната постапка, ако ги исполнува законските услови“, изјави Туфегџиќ.
Тој смета дека во текот на кампањата за избор на нов државен јавен обвинител се наметнала дистинкција која, според него, е погрешно поставена.
„Се создаде амбиент на поделби дека се бира помеѓу подобни и најспособни. Мојот став е дека новиот државен јавен обвинител мора да биде и способен и подобен. Не може да функционира ако не е подобен, ниту може да оствари резултати ако ја нема таа поддршка“, нагласи адвокатот.
Според него, дел од кандидатите ја сфатиле трката како избор за академска функција, каде се мери исклучиво знаење, но функцијата државен јавен обвинител, како што рече, природно има и политичка нота.
Туфегџиќ потенцира дека државниот јавен обвинител по функција мора да соработува со носителите на клучните ресори во извршната власт – особено со институциите од безбедносниот сектор, како што се Бирото за јавна безбедност и Агенцијата за национална безбедност, чии раководители се именувани од Владата.
„Не можеме да ги мешаме работите. Самиот изборен процес има политичка нота. Државниот јавен обвинител седи во првиот ред на клучни државни настани, покрај премиерот, претседателот на Уставниот суд и претседателот на Врховниот суд. Тоа покажува дека станува збор за позиција со значајна институционална и политичка тежина“, истакна Туфегџиќ.
Тој заклучи дека правењето строга разлика меѓу „подобност“ и „способност“ во овој контекст е неиздржано, бидејќи функцијата бара и професионален капацитет и институционална усогласеност за да може системот да функционира ефективно.
