Коронавирусот ги натера голем дел од туристичките агенции да ги откажат планираните патувања за 8 Март, откако Италија стана новото жариште на болеста. Откажувања има и од самите патници.
„Фалкон травел“ ги извести своите патници дека ги откажува сите патувања за 8 Март од безбедносни причини. Парите уплатени за патувањето ќе им бидат вратени на граѓаните или ќе може да ги искористат за некое друго патување во друг термин.
– Ве известуваме дека сите патувања за 8 Март поради коронавирусот (ковид-19) во Италија ќе бидат откажани од наша страна, поради безбедноста на нашите патници, која секогаш ни е на прво место. Големиот број патници кои имаа уплатено за овие дестинации можат да ги добијат во целост сите уплатени средства или, пак, да се префрлат на некое друго патување за друг термин, пишува во известувањето од „Фалкон травел“.
И од „Нехар травел“ ги откажаа планираните патувања за 8 Март од морален и безбедносен аспект.
– Будно ја следиме ситуацијата со ширењето на коронавирусот (ковид-19) во Италија. Од морален аспект, но и поради загриженост и општа безбедност одлучивме да ги откажеме патувањата за 8 Март во Италија. Безбедноста и здравјето на нашите патници и сограѓани ни е на прво место. Воедно сакаме да ве информираме дека сите кои имаат уплатено аранжман за 8 Март во Италија може да се префрлат на некоја од останатите тури или во спротивно средствата во целост ќе бидат вратени, пишува во известувањето на „Нехар травел“ на фејсбук-страницата.
