Турски државјани приведени во Штип поради продажба на марихуана, пронајдена и бела прашкаста материја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицијата во Штип приведе три лица, меѓу кои двајца турски државјани, во рамки на акција за сузбивање на недозволената трговија со дрога.

На 8 август околу 22:00 часот, на Штипски сокак, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип ги затекнале М.Б. и 24-годишниот М.Џ.У., двајцата државјани на Турција со привремен престој во Штип, при продажба на марихуана на 23-годишниот Ф.Р. од Штип.

Ф.Р. бил лишен од слобода, а кај него била пронајдена марихуана. М.Б. и М.Џ.У. се обиделе да побегнат, но М.Џ.У. набргу бил пронајден и приведен. Кај него, полицијата пронашла марихуана и нож.

По известувањето на јавен обвинител и судија на претходна постапка, полициски службеници извршиле проверка во домот на М.Б., каде што ја затекнале 21-годишната А.Б., исто така државјанка на Турција со привремен престој во Штип.

При прегледот на станот биле пронајдени и одземени повеќе ќеси и пакувања со марихуана, бела прашкаста материја и дигитална вага.

М.Џ.У., А.Б. и Ф.Р. биле задржани во полициска станица. Следниот ден, на 9 август, со судска наредба бил извршен претрес и во домот во кој престојува А.Б. во Штип.

При претресот биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка, пари во различни валути и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.

Во врска со случајот е поднесена кривична пријава, а на М.Џ.У. и А.Б. им е одредена мерка притвор.