Турскиот мафијаш тврди дека бил во домот на Заев – преку видео откри дека се познава со сите политички лидери

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Седат Пекер, еден од најпознатите имиња во аферата на фалсификувани патни исправи, тврди дека бил гостин и во домот на премиерот Зоран Заев.

„Јас сум Седат Пекер, премиерот на таа држава го познавам, бев гостин во неговата куќа во Македонија. Ги познавам и лидерите на другите политички партии“, вели Седат Пекер.

Пред еден месец, кога Заев тврдеше дека неговите колеги политичари се сретнале со Пекер, не спомна дека и тој се сретнал со него.

За тврдењата на Пекер дека се познава со премиерот Заев, реагираше лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој фрли сомнеж за вмешаноста на Заев во случајот на фалсификувани патни исправи. Меѓутоа Пекер во истото видео откри дека се познава со сите лидери на политичките партии.

„Зошто се судени само за злоупотреба на службената должност и членот 353, а не за фалсификување патни исправи, не за злосторничко здружување и никој не прави финансиска истрага?  Одговорот на сето ова следи во видеото, Седат Пекер вели дека се среќавал со премиерот Заев кај него дома“, посочи Христијан Мицкоски.

Додека турската држава го бараше Седат Пекер за убиство и трговија со дрога, тој долго време патуваше слободно во нашата земја одржувајќи бројни средби со политичари, функционери и бизнисмени во Македонија и регионот. На 18 јануари 2021 година, полицијата на Северна Македонија го уапси за кршење на правилата за краток престој и го протера од земјата. Неколку дена подоцна излезе аферата со македонските пасоши кои биле давани со туѓ идентитет на бознати балкански криминалци и нарко босови. Еден од нив е и Седат Пекер. Во полициска акција беа уапсени неколку лица, а пред неколку дена 11 од нив признаа вина и добија затворски казни.