ТВ21 ексклузивно го обезбеди документот со 8 забелешки од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за Македонија. Во него на само едно место се споменува автопатот за Коридор 8.
-Државата членка Северна Македонија да достави до Центарот за светско наследство, за разгледување од страна на советодавните тела, пред-физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот Коридор VIII, детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот VIII, како и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки, и притоа да се суспендираат сите активности во рамките на проектните области сè додека не се завршат и разгледаат процените, стои во одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47-та седница.
Премиерот Мицкоски изјави дека делот Требениште – Струга – Ќафасан нема да остане неповрзан, но не нагласи дали ќе биде автопат, магистрала или пат во сегашниот формат. Тој направи паралела со сегментот на границата со Албанија, тврдејќи дека и од Ќафасан кон албанска територија Коридорот 8 нема да биде автопат ниту магистрала.
-Проблем е што УНЕСКО го истакна, ќе знаеме во јуни конечно што ќе се случи. Денес и вчера министерот Муцунски е во Париз за да разговара со највисоките претставници на УНЕСКО, тие ќе дојдат во Македонија, и додека предвидената траекторија останува проблематична за УНЕСКО ќе најдеме друга опција. Граѓаните апсолутно не можат да останат неповрзани, но исто така добро е ова прашање да го постават и кај албанските политичари, не во Македонија, туку во Албанија, бидејќи автопатот таму нема да стигне до Ќафасан, нема да биде магистрала, туку ќе запре некаде 20 – 25 километри пред граничната точка Ќафасан, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Бајрам Реџепи од ДУИ изјави дека за саботажата на автопатот на последниот сегмент кон Албанија се „гордеат“ српските функционери во Белград, цитирајќи бугарски медиум.
„Интересите се испреплетени, а Србија има витален интерес Коридор 8 да не се изгради, напротив, тие инсистираат со голем интерес да се изгради делот од Коридор 10, брзата железница што ќе го поврзе Белград со Солун. Вие сте виделе дека во една многу престижна бугарска весник ’BGNES‘ се цитираат високи српски функционери кои се фалат дека го саботирале Коридор 8 и дека тој нема да се изгради. Ова е загрижувачко и овој факт треба да нè шокира сите!“ – изјави Бајрам Реџепи од ДУИ.
Инаку, пред еден месец претставници на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, на средбата со четирите наши министри и двајца градоначалници, дале 8 забелешки за заштитените зони на Охридското Езеро, од кои само една се однесувала на автопатот на Коридор 8, а останатите на дивоградби покрај езерото. Нашите власти не ја нагласуваат забелешката за другиот автопат Охрид – Кичево, сегмент кој исто така минува низ заштитена зона. Во меѓувреме, од албанската страна работите продолжуваат за поврзување на Коридор 8 со автопат кон граничниот премин Ќафасан, иако и на соседот УНЕСКО му дал слични препораки за работите во заштитената зона на Охридското Езеро. Се очекува и граничните објекти на Ќафасан да се прошируваат од двете страни.
