Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска соопшти дека во Србија е приведен маж поради закани упатени кон српскиот претседател Александар Вучиќ.
Поради закана по безбедноста на претседателот на Републиката, уапсен е Д.М од Сомбор и му е одреден 48 часовен притвор, се вели во соопштението на српското Министерство за внатрешни работи.
Вучиќ вчера на социјалната мрежа Х напиша дека е шокиран од обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо и се молел за здравјето на овој голем пријател на Србија.
Набргу потоа, забележа српската државна телевизија, под постот Х се појавија заканувачки пораки дека Вучиќ ќе биде следната цел.
Високи претставници на српскиот државен врв ги осудија заканите кон Вучиќ на социјалната мрежа кои се појавија по нападот врз словачкиот премиер и ги повикаа надлежните органи на брза реакција.
