Уапсен романскиот проруски претседателски кандидат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Келин Георгеску, фаворит на проруското крило на романската претседателска трка, денеска беше приведен на сослушување во врска со минатогодишните избори кои беа поништени по наводната операција на руско влијание.

Неговата официјална страница на Фејсбук објави дека Георгеску бил запрен во сообраќајот и одведен во Јавното обвинителство токму во моментот кога требало да поднесе нова кандидатура за претседателските избори.

„Системот го запре во сообраќајот и го однесе на распит! Каде е демократијата, каде се партнерите кои треба да ја бранат? стои во соопштението.

Романските медиуми објавија дека обвинителите издале налог за апсење и ги претресуваат просториите на неговите соработници, вклучително и водачот на платеничката група, Хорациу Потра, и телохранителот на Георгеску.

Инспекторите го испитуваат финансирањето на неговата кампања минатата година, а во официјалното соопштение наведуваат дека истражуваат 27 лица за дејствување против уставниот поредок, јавно поттикнување насилство и основање фашистичка организација. Георгеску не беше конкретно именуван, но апсењето доаѓа откако неговите соработници беа поврзани со овие наводи.