Уапсен сопругот на жртвата – два часа пред смртта бил пријавен во полиција за насилство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 2 март, во 12:05 часот, во полиција била примена пријава за расправија меѓу сопружници. Полициските службеници пристигнале на адресата по 15 минути и разговарале со жената, која изјавила дека немало физички контакт со сопругот и дека станувало збор за недоразбирање. Таа не побарала понатамошна интервенција, нагласувајќи дека брачниот проблем го решава преку постапка за развод, и потпишала службена белешка. Два часа подоцна се случил трагичниот настан, објасни министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Мајката и детето, во временскиот интервал пред да паднат од балконот, од внатрешната страна се заклучиле во станот, и според информациите со кои располагам, немало друго лице присутно во станот“, изјави Тошковски.

Според министерот Тошковски, сопругот, Стојанче Јовановски, е уапсен под сомнение за сторено кривично дело. Тој појасни дека во изминатите две години против него биле поднесени десет кривични пријави поврзани со дела против имотот, криминал со елементи на насилство и нелегална трговија со дрога.

„По усна наредба на јавен обвинител е уапсен сопругот, Стојанче Јовановски, под сомнение за сторување кривично дело. Тој се наоѓа во полициска станица, со него се работи, се обработува целокупната документација и против него ќе биде поднесена кривична пријава“, изјави Тошковски.

Од Основно јавно обвинителство Скопје велат дека се испитува и дали имало претходни пријави за семејно насилство од страна на жртвата.

„Во текот на вчерашниот ден е наредена и обдукција на жртвите. Во врска со претходните постапки, обвинителот побарал детален извештај од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални пријави и поплаки од жртвата, а исто така ќе нареди и внатрешна контрола во МВР за да се испита начинот на постапување по овие пријави“, велат од Основното јавно обвинителство.

Вчера околу 14:00 часот, Ивана заедно со своето 6-годишно дете скокнала од терасата на повеќекатна зграда во Карпош, Скопје.