Уапсен уште еден поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, е уапсен утрово во полициска акција која се спроведува низ неколку локации. Акцијата се спроведува во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал, МВР и Финансиска полиција.

Ѓорѓиоски е приведен поради незаконско работење додека беше на чело на федерацијата. Против него има пријава за даночно затајување и фалсификување и уништување деловни книги. Се сомничи дека во 2019 година прикажал невистинити податоци во завршната сметка, и не платил данок на добивка, со што ФФМ се стекнала со протиправна имотна корист од над 1,6 милиони денари, износ за кој бил оштетен буџетот на државата.

Заедно со него биле приведени и неколку негови соработници во тоа време, меѓу кои и Олгица Младеновска која била задолжена за финансиите во Фудбалската федерација.

Ова е второ апсење на претседател на ФФМ. Во април годинава беше уапсен и Муамед Сејдини кој се товареше за финансиска проневера од 700.000 евра за изградба на трибина на стадионот во Охрид, за пари донирани од УЕФА.